+A   |  -A
Skip Navigation Links
Повеќе информации за Европскиот систем на сметки (ЕСС 2010)


Европскиот систем на сметки е систем изграден со конзистентна методологија како  заедничка рамка базирана на заеднички дефиниции, класификации  и методи на пресметка, со која се обезбедува најтесна споредба на податоците за сите европски земји, особено  за бруто-домашниот производ, односно  бруто-националниот доход,  и особено процентот на јавниот долг во однос на БДП како индикатор за фискалната политика. Со ситемот, исто така, се дефинирани и методолошките основи за пресметка на регионалниот БДП.

Процесот  на подготвување на промените  на методологијата ЕСС 1995 започна со ревизија на  Системот на национални сметки (SNA 1993)  на коj работеа ООН, ОЕЦД, Светската банка, ММФ  и Евростат. Во Системот на национални сметки  беа детектирани  и официјално усвоени 44 промени од кои некои се од методолошка природа или дообјаснување  на дефинициите, а некои се од суштинска природа и тие имаат влијание врз  промената на вредностите на БДП на земјите, а кои го одразуваат движењето и промените во економскиите во светот.

Во рамките на подготвувањето на промените според Европскиот систем на сметки (ЕСС 2010) и во напорите на заводите за статистика на корисниците да им се овозможи понавремено да се имплементираат промените и да се обезбеди споредливост, акцентот е ставен на следните промени:

         -Капитализација на издатоците за истражување и развој

Истражувањето и развојот достигнуваат  сè поголеми вредности во економијата  од аспект на вредноста на сопственичките права и придобивките за развојот на општеството и од тој аспект се препознаени како основни средства од страна на стручната јавност иако не секогаш нивната идентификација од аспект на сметководството лесно се препознава. Таа инвестиција за иднината станува повредна од инвестициите во другите материјални средства. Досегашниот третман на овие издатоци се вреднуваше во меѓуфазната потрошувачка, што значи се претпоставуваше дека  трошоците се еднократни. Особено значајно е третирањето на издатоците за развојот за сопствени потреби  што досега не можеше вредносно да се иденификува.

Сегашниот предлог за имплементација бара издатоците за истражување и развој да имаат ист третман  во активата на претпријатијата, соодветно како и материјалните средства. Од аспект на националните сметки,  издатоците за истражување и развој ќе се сметаат како инвестиција и  со тоа ќе се имплицира зголемување на  додадената вредност. Пресметката на таа категорија ќе биде вклучена во ревизијата, а врз основа на постоечките извори на податоци. На ниво на европските земји, тоа влијание се оценува од 1,9 %, додека во Америка изнесува 2,5%.

         -Воена опрема

Со новите измени, вложувањето во воена опрема ќе се третира како вложување во основни средства,  генерлно од аспект на векот на употреба . Таа потрошувачка, според ЕСС 95, се третираше како меѓуфазна потрошувачка и најголемо влијание имаше кај пресметката на додадената вредност на секторот Држава. Со третирањето на воената опрема како основно средство ќе настане промена во пресметката на вредноста на секторот Држава преку  пресметка на амортизацијата на средствата  што е дел од додадената вредност. Тоа влијание не се очекува да биде големо.  

-Стоки на доработка 

Досегашното решение, според методологијата ЕСС 95, ги третираше стоките извезени за доработка   и вратени во земјата со целата нивна вредност. Во светлината на новите процеси во  економиите на земјите и според промените во Прирачникот  за статистиката на билансот на плаќање на ММФ, (БПМ6) веќе не е физичкото движење на стоките, туку промената на сопственоста. Односно, потребно е земјата да го прикажува само извозот и увозот на услугата. Со новото решение,  извозот и увозот на стоки за доработка  нема да имаат влијание врз податоците за бруто-извозот и увозот на  стоки и посебно ќе се прикаже извозот и увозот на услугата, па со тоа ќе има промена во делот од податоците  за извозот и за увозот. Оваа промена не се очекува да има влијание на БП.

-Пензиски шеми

Во постоечката методологија ЕСС 95 се препознава само задолжителната обврска на  работодавците за пензиски издатоци. Со новата ЕСС 2010 се препознаваат и обврските за т.н. незадолжителни обврски за пензиско осигурување и т.н. паушални исплати за пензиско осигурување. 

-Неживотно осигурување

Со новата методологија ЕСС 2010 се менува формулата за пресметка на додадената  вредност  од оваа активност и тоа така  што при пресметката на обврските да се зема прилагодената вредност наместо исплатите на целата вредност при  поголеми катастрофи.

Се очекува  другите промени, исто така, да имаат мало влијание при ревизијата на  податоците.



© Државен завод за статистика