Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, 58 318 пазарноориентирани деловни субјекти активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности оствариле вкупен промет од 1 372 299 милиони денари и додадена вредност од 297 460 милиони денари. За ангажираните 397 067 вработени лица, издвоени биле 147 301 милиони денари.
Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 40.8 %, а по него следат секторот Преработувачка индустрија со 28.6 %, Градежништво со 6.7 %, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 6.6 % и секторот Транспорт и складирање со 5.8 %.
Секторот на преработувачка индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 27.6 %, следен од секторот Трговија на големо и на мало со 24.0 %. Значително учество во додадената вредност има секторот Градежништво (9.8 %), додека подеднакво учество од 8.0 % имаат секторите Транспорт и складирање и Информации и комуникации.
Во однос на големината на претпријатијата, доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени
(90.5 %), најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 31.3 % од вкупно вработените, тие создале 20.9 % од вкупната додадена вредност. Големите претпријатија со учество од само 0.3 % и со ангажирани 26.3 % од вработените создаваат 34.2 % од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор, и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (14.1 %). Сепак, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија (со 10 до 249 вработени), кои ангажираа 42.3 % од вработените и создадоа 44.9 % од вкупната додадена вредност во деловниот сектор.