Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во 2015 година, во рамките на структурните
деловни статистики се анализирани 54 431 деловен субјект со 368 067 вработени лица, во кои е остварен
вкупен промет од 1 064 967 милиони денари и e создадена додадена вредност од 227 704 милиони денари.
Во однос на претходната година, прометот е зголемен за 5.2%, а додадената вредност за 6.8%. Во просек,
новосоздадената вредност по вработен во 2015 година изнесува 618 илјади денари, додека најголема
додадена вредност по вработен е создадена во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и
климатизација (2027 илјади денари).
Најголем број од претпријатијата припаѓаат на секторот Трговија на големо и на мало (41.8%), со 25.5% од вкупниот
број на вработени и реализирани 42.4% од вкупниот промет. Како втор по значење, секторот Преработувачка
индустрија учествува сo 13.5% од претпријатијата, 30.3% од вработените и 26.1% од вкупниот промет.
Во вкупната додадена вредност, пресметана според факторот на трошок, најголемо учество имаат
претпријатијата од секторот Преработувачка индустрија (25.9%) и секторот Трговија на големо и на мало
(23.5%).
Во однос на големината, во 2015 година преовладуваат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени
(90.5%). Со ангажирани 32.5% од вкупно вработените, тие имаат создадено 22.0% од вкупната додадена
вредност. Од друга страна, во големите претпријатија (0.3%) се ангажирани 25.8% од вкупниот број на
вработени, со остварени 35.3% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.