Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, деловните субјекти, анализирани во рамките на структурните деловни статистики, во 2017 година реализираа 6.4 % поголем промет и 4.8 % зголемена додадена вредност во однос на претходната година. 55 203 пазарно-ориентирани деловни субјекти од областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности оствариле вкупен промет од 1 192 284 милиони денари и додадена вредност од 260 285 милиони денари. За ангажираните 385 728 вработени лица, издвоени биле 126 371 милион денари.
Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и мало (41.6 %), а по него следат секторот Преработувачка индустрија (26.9 %), Градежништво (7.2 %), Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (7.0 %) и секторот Транспорт и складирање со 5.9 % .
Секторот на преработувачка индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност (26.6 %), следен од секторот Трговија на големо и мало 23.5 %. Иако намалено, во однос на претходната година, значително учество во додадената вредност имаат и секторите Градежништво 10.3 %, Транспорт и складирање 8.2 % и Снабдување со електрична енергија, гас и пареа 6.5 %.
Во однос на големината на претпријатијата доминираат микро претпријатијата со помалку од 10 вработени (90.0 %), речиси половината од нив од областа на трговијата. Со ангажирани 31.9 % од вкупно вработените, создале 20.8 % од вкупната додадена вредност. Од друга страна, големите претпријатија со учество од само 0.3 %, но со ангажирани 25.2 % од вработените, создаваат најголема додадена вредност (36.3 %) во рамките на деловниот сектор, и тоа главно во секторот Преработувачка индустрија (13.7 %).