Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2010 година, деловните субјекти од нефинансискиот сектор реализирале поголем промет (за 9.6%) и додадена вредност (за 8.9 %) во однос на претходната година. Во рамките на нефинансискиот сектор, во 2010 година се забележани вкупно 56740 активни деловни субјекти во кои биле вработени 316 745 лица. Во овие деловни субјекти е остварен вкупен промет од 804 357 милиони денари и додадена вредност во износ од 224 363 милиони денари.
Најголемо е учеството на деловните субјекти од секторот Трговија на големо и на мало ( 46.4%) каде што биле вработени 27.5% од вкупниот број на вработени. Во рамките на овие субјекти е остварен промет од 333844 милиони денари, односно 41.5% од вкупниот промет.
Во секторот Преработувачка индустрија, кој претставува 13.5 % од активните деловните субјекти во 2010 година, биле вработени 30,8% од вкупниот број на вработени лица, а во него се остварени 26,3% од вкупниот промет.
Во вкупната додадена вредност, пресметана според трошоците за факторите на производството, во 2010 година, најголемо учество имале претпријатијата од секторот Преработувачка индустрија (29.1%), а потоа следат секторите Трговија на големо и на мало (21.2%), Информации и комуникации (10.7%), Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација и секторите Градежништво (7.9%) и Транспорт и складирање (7.4%). Најмал придонес во додадената вредност имал секторот Дејности во врска со недвижен имот ( 1.1%).
Во однос на големината на претпријатијата, во 2010 година, најголемо (92.2%) е учеството на оние претпријатија кои вработуваат од 0 до 9 лица. Во нив биле вработени 35.7% од вкупно вработените кои, пак, создале 24.0% од додадената вредност. И покрај тоа што ангажираат помалку вработени (22.2%), сепак, во 2010 година, придонесот на големите претпријатија во додадената вредност е најголем (34.2%).