+A   |  -A
Skip Navigation Links
Основни информации за Специјалниот систем за дисеминација на податоци – плус (SDDS Plus - Special Data Dissemination System Plus)


Стандардот СДДС Плус е воспоставен во 2012 година и се заснова на специјален систем за дисеминација на податоци што претставува водилка за земјите кои пристапуваат кон овој стандард во насока на обезбедување на економски и финансиски податоци за јавноста за поддршка на домашната и на меѓународната финансиска стабилност.

Приклучување кон СДДС Плус

Основен предуслов за преминување од СДДС кон СДДС Плус, е задолжителното почитување на барањата за девет дополнителни категории на податоци, заедно со целосно почитување на сите барања за СДДС. Иако вклучувањето во СДДС Плус е доброволнo, тoa носи обврска од придружниот член да го почитува стандардот и да обезбеди одредени информации до ММФ за неговите практики во објавувањето на економските и финансиските податоци.

Стандардот СДДС Плус ги опфаќа следниве сектори:
  • Реален сектор
  • Фискален сектор
  • Финансиски сектор
  • Надворешен сектор
  • Население

Стандардот предвидува четири димензии на дисеминација:
  • Податоци: покриеност со податоци, периодика и навременост
  • Пристап до јавноста
  • Интегритет на објавените податоци
  • Квалитет на објавените податоци

За секоја од овие четири димензии, СДДС Плус, како и во случајот на СДДС, пропишува два до четири елементи кои може да се следат - добри практики кои може да се набљудуваат или да се следат од страна на корисниците на статистиката. Во листата на податоци се наведени 27 категории на податоци - 18 СДДС и 9 СДДС Плус - кои обезбедуваат покриеност за четирите сектори на економијата и ги пропишуваат периодичноста (или фреквенцијата) и навременоста како критериуми што треба да бидат исполнети за податоците за овие категории да бидат објавени. Елементите кои служат за следење на СДДС Плус, а тоа се пристап, интегритет и квалитет, ја нагласуваат транспарентноста при составувањето и објавувањето на статистичките податоци.
  • За поддршка на еднаков пристап до податоците, СДДС Плус пропишува (а) однапред подготвени календари за објавување на податоците и (б) истовремен пристап на сите заинтересирани страни.
  • За да им помогне на корисниците во оценувањето на интегритетот на податоците што се објавуваат во рамките на СДДС Плус, СДДС Плус бара (а) објавување на условите под кои се произведуваат и се објавуваат официјалните статистички податоци; (б) идентификација на пристапот на владата до податоците пред објавувањето; (в) идентификација на министерските коментари во врска со статистичките соопштенија и (г) обезбедување информации за ревизија и известување за големи промени во методологијата однапред.
  • За да им помогне на корисниците во проценувањето на квалитетот на податоците, СДДС Плус бара (а) објавување на документацијата за статистичката методологија и (б) објавување на деталите на компонентите, усогласување со сродни податоци и статистички рамки кои овозможуваат вкрстена проверка на податоците.
  • Во согласност со ова сеопфатно мислење за објавување на податоците, објавувањето на податоците е пошироко дефинирано со цел да се вклучи електронското објавување, покрај традиционалните формати.

Земјата што пристапува кон СДДС Плус има можност за период на транзиција и таа се обврзува да ги исполни сите барања на СДДС Плус во рок од пет години од денот на пристапувањето. Периодот на транзиција им овозможува на земјите да пристапат кон СДДС Плус дури и ако ги исполнуваат условите за само пет од деветте дополнителни категории и имаат планови за исполнување на сите барања во рок од пет години од денот на пристапувањето. Оние земји кои ќе го користат транзицискиот период мораат за секоја категорија на податоци да изработат кредибилни транзициски планови, покажувајќи како ќе бидат исполнети условите до крајот на транзицискиот период.


© Државен завод за статистика