+A   |  -A
Skip Navigation LinksНасловна За Државниот завод за статистика
 

Извештај од Европската комисија за 2020 год.

Поглавје 18: Статистика

Правилата на ЕУ бараат од земјите членки да можат да изготват статистики засновани врз професионална независност, непристрасност, веродостојност, транспарентност и доверливост. За методологијата, производството и дисеминацијата на статистичките информации се предвидени заеднички правила.

Земјата е умерено подготвена во областа на статистиката. Постигнат е добар напредок, особено во спроведувањето на пробниот попис на населението и тестирањето на новата пописна методологија што делумно се потпира на административни податоци. Забележан е напредок во сите статистички области и понатамошно усогласување на секторските статистики со стандардите на ЕУ. Потребни се континуирани напори за подобрување на обемот и квалитетот на макроекономските и социјалните статистики. Бидејќи беа спроведени препораките од минатата година, во наредната година земјата особено треба:

  • да го усвои законот и да ги обезбеди потребните административни капацитети за спроведување на Пописот на населението во 2021 година;
  • да продолжи да ги усогласува финансиските сметки и кварталните национални сметки со Европскиот систем на сметки, 2010 (ЕСС 2010);
  • да обезбеди соодветен број на вработени и доволно финансиски средства за Државниот завод за статистика.

Правната рамка за статистичката инфраструктура во голема мера e во согласност со Кодексот за работа на европската статистика. Во 2019 година, Собранието го формираше Советот за статистика и ги назначи неговите членови. Формиран е и Координативниот комитет на националните институции одговорни за спроведување статистички истражувања. Ресурсите за националниот статистички систем треба дополнително да се зголемат. Во однос на другите главни носители на статистиката, Народната банка е целосно посветена на Кодексот за работа на европската статистика и го подобрува својот капацитет за негова примена. Министерството за финансии сè уште нема назначено раководно лице за статистика. ИТ-системите се надградуваат за да се зголеми брзината, меѓусебната поврзаност и капацитетот за складирање. Алатките за дисеминација беа подобрени.

Во полето на класификациите и регистрите, главните класификации се во согласност со европското законодавство и редовно се ажурираат. Употребата на административните извори на податоци е зголемена, вклучително и за подготовката на пописот на населението. Регистарот на население беше ставен во функција. Достапноста и квалитетот на податоците се подобрени, но треба да се оптимизираат. Преносот на податоци до Евростат се зголеми дополнително, но останува нецелосен.

Државниот завод за статистика (ДЗС) постигна добар напредок во макроекономските статистики. Годишните и тримесечните податоци за БДП по тековни и постојани цени, како и секторските сметки, се произведуваат и доставуваат во согласност со ЕСС 2010. До Евростат треба да се достават сезонски прилагодени квартални национални сметки. Годишните секторски сметки се изработуваат во согласност со ЕСС 2010. Редовно се изработуваат табели за понуда и употреба. Направен е напредок во подобрувањето на статистиката на владините финансии (GFS) и табелите за прекумерен дефицит (EDP). Во податоците за GFS и EDP, даноците сега се евидентираат врз пресметковна основа. Во 2019 година, финансиските сметки беа подготвени и доставени во вид на експериментални податоци. Народната банка изработува статистика за платниот биланс и странските директни инвестиции според најновите стандарди.

Структурните деловни статистики и краткорочните статистики за индустријата и градежништвото се добро развиени. Моделот на деловниот регистар се ревидира и ажурира со ново разграничување на групите на претпријатија. Во однос на статистиката на странски филијали (FATS), објавени се податоци за 2016 и 2017 година за домашни претпријатија контролирани од странство (inward FATS). Статистиките за истражувањето и развојот и за ИКТ се доволно усогласени. Во статистиката на услугите, индексите на промет редовно се произведуваат, објавуваат и доставуваат до Евростат во согласност со регулативите. Во областа на туризмот, во 2019 година ДЗС воспостави редовно истражување за патувањата на домашното население и податоците се доставуваат до Евростат. Започната е прелиминарна работа за воспоставување сателитски сметки за туризам. Статистиката за транспорт е подобрена со преносот на микроподатоци за патен товарен транспорт до Евростат.

Постигнат е добар напредок во социјалните статистики со успешното спроведување на пробниот попис на населението и домаќинствата со комбиниран метод и компјутерски потпомогнато анкетирање. Сепак, Собранието допрва треба да го усвои Законот за попис и Пописот се одложи за 2021 година. Анкетата за приходите и условите за живеење редовно се спроведува. Постигнат е напредок со подобрувањето на статистиката за социјалната заштита. Статистиката за миграциите треба дополнително да се подобри. Статистиките за пазарот на трудот во голема мера се усогласени со законодавството на ЕУ. Во тек се активности за подобрување на статистиките за криминалот, образованието и јавното здравство. Податоците за хармонизираниот индекс на трошоците за живот се доставуваат до Евростат секој месец.

Земјоделските статистики се само делумно усогласени со законодавството на ЕУ. Истражувањето за структурата на земјоделските стопанства продолжува да се спроведува редовно. Во годишните статистики на растителното производство беа тестирани методологијата на ЕУ за истражувања и постапката за уредување податоци. За статистиката на добиточно производство се развиени модели за прогнози и проценка. Агромонетарните статистики се произведуваат во согласност со законодавството на ЕУ. Статистиките за енергија и животна средина, вклучително и расходите за заштита на животната средина, отпадот, водата и даноците поврзани со животната средина, главно, се во согласност со законодавството на ЕУ. Се обезбедуваат и краткорочни статистики за енергија и енергетски биланси. Започнато е составување на сметки за емисии во воздухот и сметки за физичките текови на енергија. Се изготвуваат сметки за тековите на материјали, но сè уште не се вклучени билансите на тековите на материјали.

Извештај од Европската комисија, 2019

Извештај од Европската комисија, 2018

Извештај од Европската комисија, 2016

Извештај од Европската комисија, 2015

Извештај од Европската комисија, 2014

Извештај од Европската комисија, 2013

Извештај од Европската комисија, 2012

Извештај од Европската комисија, 2011

Извештај од Европската комисија, 2010

Извештај од Европската комисија, 2009

Извештај од Европската комисија, 2008

Извештај од Европската комисија, 2007


     

© Државен завод за статистика