Методолошко објаснување за соопштението:
Просечна месечна исплатена нето-плата по вработен
Извори на податоци
Податоците прикажани во овој статистички преглед се добиени врз основа на статистичкото истражување за вработени и плати со состојба октомври.
Единици на набљудување се деловните субјекти и единиците во нивен состав. Од 2018 година податоците се преземаат од администратини извори – УЈП и АВРСМ и дел од податоците се прибираат од извештаи ако административниот извор не располага со податоци за организациско‐територијален принцип, на ниво на општина. Извештајот се пополнува според организациско‐територијален принцип, на ниво на општина. Ако деловните субјекти имаат единици во состав надвор од општината на своето седиште, во извештајот не се даваат податоци за нив. Во тој случај, единицата во состав пополнува друг извештај. Ако деловниот субјект во иста општина има две или три единици во состав со иста дејност како и неговата, во тој случај податоците за нив ги дава деловниот субјект. Ако деловниот субјект во иста општина има две или повеќе единици во состав со различна дејност од неговата, тогаш податоците за нив не ги дава деловниот субјект. Во тој случај, единицата во состав пополнува друг извештај.
Опфат
Во истражувањето се опфатени сите деловни субјекти. За одреден број извештајни единици ги нема потребните податоци во администативниот извор, што резултира и со разлики во бројот на вработените по одделни белези.
Дефиниции
Со истражувањето се опфатени деловните субјекти од сите видови сопственост (приватна и друга), со исклучок на македонските претставништва во странство и индивидуалните земјоделци.
Вработени се лица кои работат во деловните субјекти и локалните единици во приватна и друга сопственост (општествена, државна, задружна и мешовита сопственост). Вклучени се сите вработени кои засновале работен однос во деловниот субјект, без оглед дали се во работен однос на неопределено или на определено работно време, како и дали работеле со полно или пократко од полното работно време и кои добиле плата според одработените часови во полното работно време, пропишани од деловните субјекти и според колективниот договор. Не се вклучени лицата кои работат по договор за дело и индивидуалните земјоделци. Под полно работно време се подразбираат одработените часови во работно време пропишано како полно работно време од работодавците и според колективниот договор. Нето‐платата ги опфаќа примањата за работа во полно, пократко од полното и подолго од полното работно време (прекувремена работа); надоместоците од средствата на деловниот субјект за годишен одмор, државни празници, платено отсуство до седум дена, платено отсуство за стручно образование, за боледување до 30 дена и сл.; надоместоците на товар на други деловни субјекти за време поминато на вежба по покана на надлежен државен орган, цивилна заштита, вршењето граѓански должности и сл.; разликите на име зголемување на стартната основа и вредноста на бодот; примањата по периодична пресметка и завршна сметка и врз основа на распределба на добивка без оглед на тоа на кој период се однесуваат; примањата на приправниците и примањата врз основа на минат труд. Нето‐платата не ги опфаќа исплатите на вработените од средствата за заедничка потрошувачка, исплатите кои ги товарат материјалните трошоци (дневници, патни трошоци, примања за превоз од местото на живеење до местото на работа и сл.), надоместоците за боледување подолго од 30 дена, како ни исплатите по договор за дело.
Последно ажурирање:
21.08.2020
|