Целта на објавување на податоците за сметки за енергија е да се претстават податоците за сметки за физички енергетски текови, текови на енергијата од животната средина до економијата, во рамки на економијата и од економијата назад во животната средина. Клучни статистички податоци се произведена (снабдување) и потрошена (користење) енергија. Овие статистички податоци се на пр., произведена енергија во рударство и вадење на камен, потрошена енергија во преработувачката индустрија и.т.н.
Единица опишана од објавените податоци
Единицата опишана од објавените податоци е енергијата произведена и потрошена од деловните субјекти и домаќинствата кои се дел од енергетскиот тек како производители, преработувачи или крајни корисници. Производството, преработката и потрошувачката (крајна употреба) се набљудувани во однос на дејностите од НКД класификацијата и домаќинствата. Податоците се изразени во тера џули (TJ).
Единица на набљудување
Единица на набљудување се деловните субјекти и домаќинствата кои се вклучени во енергетските текови како производители, преработувачи или крајни потрошувачи на енергија. Производството, преработката и потрошувачката на енергија се набљудувани според НКД Рев. 2 дејностите. Исто така земени се во предвид и домаќинствата.
Изборот на единици на набљудување е целосен, односно, опфатени се сите дејности (распределени според НКД класификацијата) и домаќинствата вклучени во енергетски текови, врз основа на резидентниот принцип. Ова значи дека податоците ги опфаќаат сите енергетски текови што настануваат на националната територија или во странство во рамките на активностите на деловните единици во Република Северна Македонија (пр., туризам, транспортни компании).
Извори и методи на прибирање на податоците
Периодиката на составување на податоците е годишна. Податоците се добиени од други стстистички истражувања од статистиката на енергија (5 прашалници IEA/EUROSTAT-UNECE) кои годишно се известуваат во Евростат. Примарен извор за прашалниците се истражувањата во областа на статистиката за енергија кои вклучуваат податоци за:
-
Електрична енергија и загревање;
-
Природен гас;
-
Нафта;
-
Обновливи извори на енергија и отпад;
-
Јаглен
Исто така се користат податоци од национални сметки (input-output табели, SUT табели – со податоци за енергетски производи, биланси на плаќања (БОП), потрошувачка на домаќинствата, како и податоци од статистиката за транспорт (неопходни за прилагодување на резидентен принцип).
Објавување на прелиминарни и дефинитивни податоци
Податоците за Сметки за физички енергетски текови се ревидираат секоја година. Оваа ревизија е неопходна поради промени (ревизии) на податоците од изворите на податоци, особено во прашалниците од статистиката на енергија (IEA/EUROSTAT-UNECE) и табелите за понуда и употреба ( SUT).
Ревизијата на податоците се врши годишно за целата временска серија.
Дефиниции
Енергетски еметки се сателитски еколошко-економски сметки кои обезбедуваат дополнителни информации за енергијата. Тие претставуваат рамка за организирање на статистички податоци поврзани со енергијата за анализи на економската улога на енергијата, односи меѓу енергетските активности и животната средина.
Сметки за физички енергетски текови се првите сметки во системот на енергетски сметки кои покажуваат податоци за тековите на енергија од животната средина во економијата, во рамки на економијата и назад до животната средина. Енергетските текови се мерени според нивната енергетска содржина (калорична вредност во џули). За еднообразно претставување и да се олесни споредливоста, единиците се пресметани во TJ.
Табели за понуда и употреба на енергија – овозможуваат - со реорганизација на податоци за енергија со текови на енергија и претставување на енергетски вредности – врска со монетарни податоци на системот на национални сметки на следното ниво на претставување на енергетските сметки како целина.
Енергетски текови во енергетски сметки се текови на ресурс (природен влез), текови на производ и текови на остатоци.
Нето домашно користење на енергија вклучува потрошувачка на енергија од енергетскиот сектор, загуби во дистрибуцијата и претворањето на енергијата, финална потрошувачка на енергија од крајните корисници и статистички разлики, притоа запазувајќи го резидентниот принцип.