+A   |  -A
ïïï: 11530 | âââ: 109929
Skip Navigation LinksНасловна Статистики по области Методолошки објаснувања

Методолошко објаснување за соопштението:


Бруто-домашен производ, ревидирани податоци


Дефиниции на основните категории

Бруто-домашен производ (производен метод)

Бруто-домашниот производ (БДП) по пазарни цени е финален производ на производната активност на резидентните производни единици и е збир на бруто-додадената вредност од одделните институционални сектори или одделните дејности, по основни цени, плус данокот на додадена вредност и царините, минус субвенциите на производи (што не се распределени по дејности).

Додадена вредност

Бруто-додадената вредност по основни цени претставува основна категорија на бруто-домашниот производ и се дефинира како разлика меѓу бруто-вредноста на производството и меѓуфазната потрошувачка.

Бруто-вредност на производството

Бруто-вредност на производството претставува вредност на произведените стоки и извршените услуги во текот на една година, независно дали тие се продадени во целост или дел од нив е ставен на залихи. Вредноста на производството се состои од три вида производство: пазарно производство, производство наменето за сопствена финална употреба и непазарно производство. Поради специфичниот карактер на одредени дејности, бруто-вредноста на производството се дефинира на различен начин.

Меѓуфазна потрошувачка

Меѓуфазната потрошувачка претставува вредност на производите и пазарните услуги што ги употребува производителот како инпути во процесот на производство, исклучувајќи ја потрошувачката на фиксен капитал, т.е. амортизацијата, со цел да се произведат други производи и услуги. Оваа категорија ја вклучува потрошувачката од тековните набавки, потрошувачката од залихите, како и потрошувачката на сопствените производи и услуги во текот на производствениот процес. Кај производителите на непазарни услуги, по дефиниција, вредноста на меѓуфазната потрошувачка е еднаква на вредноста на тековните набавки. Меѓуфазната потрошувачка се состои од потрошувачка на суровини, материјали и енергија, ситен инвентар, работна облека и резервни делови, трошоци за транспорт на вработените, авторски хонорари, дневници, трошоци за одвоен живот и разни други погодности што ги добиваат вработените, а кои се поврзани со вршењето на редовната дејност.

Годишна пресметка на БДП според производниот метод, по постојани цени

При пресметките на БДП по постојани цени, секоја година се менува базната година, односно секоја претходна година се користи како базна година.

Во рамките на пресметките на БДП по постојани цени, во основа се користат следните методи: методот на единечна екстраполација, методот на двојна екстраполација и методот на единечна дефлација.

Кај методите на единечна и двојна екстраполација, дел од индексите на физичкиот обем што се користат се пресметани од базните статистики, додека еден дел од нив се пресметуваат во соодветното одделение во Секторот за национални сметки.

При користење на методот на дефлација се користат соодветните индекси на цени.Во некои од економските активности се користи индексот на вработените како индикатор за тие дејности.

Бруто-домашен производ (расходен метод)

Бруто-домашниот производ според расходниот метод ја прикажува финалната употреба, т.е. потрошувачката на финални производи и услуги произведени во домашната економија за финална потрошувачка, бруто-инвестициите и нето-извозот на стоки и на услуги.

Бруто-домашен производ = Финална потрошувачка + бруто-инвестиции + извоз - увоз.

Трошоци за финална потрошувачка

Трошоците за финална потрошувачка се составени од трошоци што ги прават резидентните институционални единици за стоки и за услуги што се употребуваат за директно задоволување на личните потреби или желби, како и на колективните потреби на членовите на заедницата. Трошоците за финална потрошувачка може да се направат на домашна територија или во странство.

Финална потрошувачка= Финална потрошувачка на домаќинствата + финална потрошувачка на НПИСД + финална потрошувачка на државата.

Бруто-инвестиции

ИНВЕСТИЦИИ ВО ОСНОВНИ СРЕДСТВА


Инвестициите во основни средства се мерат преку вкупната вредност на набавените минус отуѓените основни средства од производителот во текот на пресметковниот период, плус некои унапредувања на вредноста на непроизведените средства реализирани преку производната активност на институционалната единица.

Промена на залихите

Промената на залихите претставува вредност на влезот на сите обртни средства во залихи минус вредноста на излезот на тие средства и вредноста на сите периодични загуби на стоки што се чуваат во залихи. Производите кои се внесуваат и изнесуваат од залихите имплицитно се третираат како да се продадени или набавени од залихи и се вреднуваат според истите цени како и фактичките продажби или набавки што се прават во истото тоа време.

Извоз на стоки и на услуги

Извозот на стоки и на услуги претставува продажба, бартер или подароци на стоки и на услуги од резиденти на нерезиденти.

Увоз на стоки и на услуги

Увозот на стоки и на услуги претставува набавка, бартер или подароци на стоки и на услуги на резиденти од нерезиденти.

Извозот и увозот на стоки се вреднувани по принципот ФОБ.

Набавки на нерезидентите во земјата

Набавките на нерезидентите во земјата ги опфаќаат набавките од страна на меѓународните организации, амбасадите и дипломатските претставништва, како и туристичките набавки од страна на нерезидентите.

Пресметка на БДП според расходниот метод, по постојани цени

Пресметките за агрегатите на употребата на бруто-домашниот производ (финална потрошувачка, бруто-инвестиции, извоз и увоз на стоки и на услуги), по постојани цени, се направени со метод на дефлација и притоа се користени соодветни дефлатори (ценовни индекси) за секој од агрегатите на употребата на бруто-домашниот производ.

Со цел да се усогласат пресметките на јавната потрошувачка по постојани цени со дел од одделите што влегуваат во пресметките на БДП според производниот метод, по постојани цени, кај пресметката на јавната потрошувачка, покрај методот на дефлација, се користи и методот на екстраполација.

Од така дефлационираните вредности на агрегатите на употребата на БДП, пресметани според расходниот метод, се пресметуваат волуменските индекси, кои се користат за екстраполација на вредностите на трошочните агрегати од соодветната референтна година.



Последно ажурирање: 10.02.2011

 
  

  Соопштенија
 
 
  Последно соопштение

  Методолошко објаснување за соопшението од областа: Бруто-домашен производ 
  
  Бруто-домашен производ
  Бруто-домашен производ, ревидирани податоци
  Бруто-домашен производ, тримесечни податоци


   


© Државен завод за статистика