Архива на методолошко објаснување за соопштението:
Индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар
Состојба:
22.02.2013
Цели Индексите на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар ги мерат промените на нивото на цените на производителите на индустриски производи што се произведуваат во Македонија и се продаваат на домашниот пазар.
Класификации и публикување на податоците Продажните цени на производителите на индустриски производи се прибираат и обработуваат според Националната номенклатура на индустриските производи (ННИП/2008), а индексите се пресметуваат по групи, оддели и сектори од Националната класификација на дејностите (НКД Рев.2).
Индексите на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се публикуваат по сектори и по оддели.
Индексите ги покриваат секторите: -B/Б (Рударство и вадење на камен), -C/В (Преработувачка индустрија), -D/Г (Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација).
Индексите ги покриваат одделите: -од секторот B/Б одделите 05 (Вадење на јаглен и лигнит) и 08 (Вадење на други руди и камен), -од секторот C/В сите оддели освен 26 (Производство на компјутерски, електронски и оптички производи), -од секторот D/Г само класата 35.11 (Производство на електрична енергија).
Исто така, се публикуваат индекси кои ја покажуваат динамиката на цените според крајната употреба на производите, класифицирани во четири групи и две подгрупи: -енергија, -интермедијарни производи освен енергија, -капитални производи, -производи за широка потрошувачка: -трајни производи, -нетрајни производи.
Прибирање на податоци Цените кои се основа за пресметување на индексот на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се прибираат со статистичкиот прашалник:
- Месечен извештај за продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар (Ц.41дома).
Прашалникот Ц.41дома се испраќа до избраните претпријатија на почетокот на годината. За секое избрано претпријатие се подготвува индивидуален статистички прашалник (образец). Во прашалниците се вклучени само репрезентативни производи за избраните претпријатија. Секој избран производ има шифра составена од 10 цифри од ННИП/2008 плус 2 цифри за спецификација на производот, назив на производот, единица мерка и објаснување и подетална спецификација за промените на цената. Претпријатијата ги пополнуваат податоците за продажните цени на 15-ти за тековниот месец и ги доставуваат по пошта до ДЗС, преку регионалните одделенија, најдоцна до 30-ти во тековниот месец.
Со 2010 година како базна година за индексите на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар, во примерокот се опфатени 246 претпријатија со 695 специфицирани индустриски производи.
Цени Продажната цена на производителите на индустриски производи продадени на домашниот пазар е цената според која производителот ги продава своите производи на редовните купувачи на домашниот пазар, во најголеми количества франко натоварено во вагон (камион) во местото на производителот.
Во оваа цена влегува регресот, ако продавачот, според прописите, го остварува, а од цената се одбива трговскиот рабат и попустот што продавачот му го одобрува на купувачот. Во цената не се пресметани акциза и ДДВ.
Продажните цени на производителите на индустриски производи од базниот период се основа за споредба на цените од тековниот период. Цената од базниот период е цената од 2010 година пресметана како аритметичка средина на цените на индустриските производи по месеци.
Пондерирање За пондерирање се користи реализираната вредност на домашниот пазар за секој производ кај секоја извештајна единица (на најниско ниво од 10 цифри од ННИП/2008 плус 2 цифри од спецификацијата).
Извори на потребните податоци за пондерирање се:
- Годишниот извештај за индустријата (ИНД.21) од 2010 година и
- Годишниот извештај на производителите на индустриски производи за продадените количини и вредности на домашниот пазар (Ц.41год) од 2010 година.
Пондерите се менуваат секоја петта година.
Пресметки (1) Месечните индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пресметуваат со користење на Ласперовата формула.
I(t/0) - индекс на оддел, сектор, главна индустриска група и вкупен индекс P(ti) - цена на производот "i" во тековниот месец P(oi) - цена на производот "i" во базниот период W(oi) - пондер на производот "i" во базниот период n - број на производи
Индексот на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар, на различно ниво според Националната класификација на дејностите (вкупно, по главни индустриски групи, сектори, оддели), се пресметува во два чекора:
- во првиот чекор се пресметуваат индивидуални индекси за секој производ (на најниско ниво од 10 цифри од ННИП/2008 плус 2 цифри од спецификацијата) за секоја индивидуална цена, како однос помеѓу цената од тековниот месец со цената од базниот период, - во вториот чекор индивидуалните индекси за секој производ се сумираат со пондерирање на повисоко ниво (вкупно, по главни индустриски групи, сектори, оддели), а за пресметка на пондерите се користи реализираната вредност на домашниот пазар од 2010 година.
(2) Покрај месечниот индекс како основен индекс, се пресметуваат и објавуваат следните индекси: - индекс од тековниот месец во однос на индексот од претходниот месец, - индекс од тековниот месец во однос на индексот од декември од претходната година, - индекс од тековниот месец во однос на индексот од истиот месец од претходната година, - просечен месечен индекс заклучно со тековниот месец во однос на истиот просечен месечен индекс од претходната година.
(3) Исто така, се пресметуваат и агрегирани индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар според НКД Рев.2: - вкупен индекс, - индекси за 4 главни индустриски групи и 2 подгрупи, - индекси за 3 сектори, - индекси за 26 оддели.
Публикување
Месечно: - Соопштение „Индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар“ - Издание „Краткорочни статистички податоци за стопанските движења во РМ“ - Издание „Месечен статистички извештај“ - МАКСтат-База на податоци
Годишно: - Статистички годишник на РМ
Усогласеност со регулативите на ЕУ Методологијата за пресметка на индексите на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар е усогласена со „Методологијата за краткорочни деловни статистики” на Евростат, за следниве варијабли:
-311 Продажни цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар.
|