+A   |  -A
ïïï: 154 | âââ: 66099
Skip Navigation Links

 Архива на методолошко објаснување за соопштението:



Користење на информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и кај поединци


Состојба: 31.10.2012


Цел на статистичкото истражување

Статистичкото истражување ИКТ.3 е годишно истражување за употребата на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) во домаќинствата и кај поеднинците со цел да се добијат информации за достапноста до одредени информатичко-комуникациски технологии (пр., компјутери, мобилни уреди, интернет), честотата и намената на нивното користење, информатичката писменост на населението во Република Македонија.

Резултатите од ова истражување и резултатите од други истражувања од оваа област ќе придонесат за одредување на степенот на развој на информатичкото општество во нашата земја.

Единици на посматрање

Единици на посматрање се домаќинствата кои имаат барем еден член на возраст 15-74 години, и избраното лице (поединец), член на тоа домаќинство, кое за време на прибирањето на податоците е на возраст од 15 до 74 години.

Метод на прибирање податоци

Податоците се прибираат со анкета (лице в лице), која се спроведува еднаш годишно (во април или мај) на целата територија на Република Македонија, врз база на примерок на домаќинства, по пат на пополнување на прашалник (образец ИКТ.3).

Во секое домаќинство се анкетира еден член од домаќинството - поединец, кој треба да биде на возраст помеѓу 15 и 74 години.

Големината на примерокот е 1995 домаќинства.

Примерокот е двоетапен случаен стратифициран, при што се дефинирани 16 стратуми – по регион и по тип на населено место.

Рамката за избор на примерокот на домаќинства се податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2002.

Референтен период е првото тримесечје од годината.

Прашалниците и основните методи на истражувањето се подготвени според методологијата и препораките на Евростат (Статистичко биро на Европската унија), во согласност со регулативите на Европската унија.

Регулативата на Европскиот парламент и Советот, број 808/2004 (Regulation (EC) no. 808/2004) е рамковна регулатива и основа на која, на годишно ниво, се донесуваат комисиски регулативи во врска со статистиките на Заедницата за информатичкото општество.

Пондерирање

Податоците во истражувањето се однесуваат на домаќинства и на лица, и тие се пресметани со примена на два пондера: пондер за домаќинства и пондер за лица.

Пондерите за домаќинствата се добиени како инверзни вредности на веројатноста на избор, потоа порамнети со неодговорот по стратум. Пондерите за поединците, покрај уточнувањето со стапката на неодговор, се калибрираат со соодветните проекции на население по пол и по шест старосни групи.

Дефиниции и други појаснувања

Домаќинство е секоја семејна или друга заедница на лица во која тие заедно живеат и заеднички ги трошат своите приходи за подмирување на основните животни потреби (домување, исхрана и друго), без оглед на тоа дали сите членови постојано се наоѓаат во местото каде што е населено домаќинството.

Поединец е член на избраното домаќинство на возраст од 15 до 74 години.

Образованието е поделено на:

- Ниско (примарно) образование, кое ги опфаќа лицата без формално образование или незавршено основно образование, и лицата со завршено основно образование (оваа група ги вклучува следните степени на образование според Меѓународната стандардна класификација на образованието ISCED 97: ISCED 0, 1 или 2);

- Средно (секундарно) образование, ги вклучува лицата со завршено средно образование, лицата со завршено специјалистичко образование, послесредно, не и високо образование (кореспондира на ISCED 3 или 4 - повисоко средно образование);

- Високо (терцијарно) образование, ги опфаќа лицата со завршено универзитетско образование - више, високо, последипломско образование за специјалист, магистер и докторат (кореспондира на ISCED 5 или 6 - терцијарно образование).

Информатичко - комуникациска технологија (ИКТ) (англ.: ICT- Information and Communications Technology) - Подразбира опрема и програма (хардвер и софтвер) за комуникација со податоци (информации). Средства преку кои се врши размена на информации меѓу два или повеќе субјекти се: радиоприемник, телевизор, фиксен телефон, сателитска антена, компјутер, интернет, електронска пошта, мобилен телефон.

Интернет (World Wide Web) - Светска мрежа на поврзани компјутери кои се поврзуваат со стандардизиран интернет-протокол, при што се овозможува корисниците од различни места да комуницираат и да разменуваат аудиовизуелни информации.

Web site - Локација на World Wide Web, идентификувана со веб-адреса. Збир на веб-датотеки на одредена тема, вклучувајќи и почетна влезна страница која се вика Home Page.

ISDN (англ. Integrated Services Digital Network) - Времена конекција со интернет, дизајнирана да овозможува дигитална трансмисија на глас, слика и податоци преку вообичаена телефонска бакарна жица која е со поголем квалитет и брзина (до 128 kbit/s) од аналогната.

xDSL - (Digital Subscriber Line) технологиите како: ADSL, HDSL, SDSL, VDSL итн. се дизајнирани за да ја зголемат брзината на преносот на податоците користејќи ги стандардните бакарни телефонски линии.

UMTS (Universal Mobile Telecommunications System) - UMTS е трета генерација (3G) на мобилна телекомуникациска технологија, базирана на GSM стандрард. На корисниците им омозможува да пренесат голем обем на податоци (пр., видеоподатоци, слики) преку безжична конекција и дава пристап до интернет со многу поголема брзина од втората (2G) или 2.5 (2G+) генерација како што е GPRS.

UMTS е широкопојасна технологија која постојано се унапредува и надградува, на пример, со HSDPA (High Speed Downlink Packet Access), позната како 3.5G.

GSM (Global System for Mobile Communication) - Глобално прифатен стандард за дигитална целуларна комуникација.

GPRS (General Packet Radio Systems) е позната како втора генерација на мобилна технологија, 2G или 2.5G, и е еден од видовите на теснопојасната интернет-поврзаност.

Широкопојасен пристап на интернет - подразбира брза трансмисија на податоци (на пример, филмови, игри, видео-конференции) преку интернет-мрежа, овозможена од технологии или конекции, како што се: xDSL технологиите (ADSL, VDSL), кабелска конекција, оптичка конекција, изнајмени линии, UMTS.

Мобилна широкопојасна конекција на интернет - разни типови на безжичен високобрзински интернет-пристап преку пренослив модем, телефон или друго средство, употребувајќи најмалку 3G технологија (пр., UMTS, CDMA2000 1xEVDO, HSDPA).

Е-трговија (електронска трговија) - Продавање или купување на производи или услуги преку интернет или други мрежи. Плаќањето и крајната испорака на производите или услугите не мора да бидат онлајн. Нарачките направени преку телефон, факс или е-пошта не се вклучуваат во е-трговијата.

Е-влада (e-Government) - Се подразбира електронска влада, односно информатизација на владата, државната администрација и јавните установи со што се постигнува подобро задоволување на потребите на граѓаните и деловните субјекти (се исклучуваат контактите преку е-пошта).

   


© Државен завод за статистика