Државниот завод за статистика по четврти пат во 2013 година го спроведе истражувањето Анкета за приходите и за
условите за живеење, 2013, кое претставува извор на податоци за сиромаштијата и за социјалната исклученост.
Статистиките на приходите и на условите на живеење претставуваат инструмент за претставување споредливи
податоци за приходите, сиромаштијата, социјалната исклученост и за условите за живеење. Социјалната исклученост и условите за живеење се следат на ниво на домаќинства, а вработеноста, образованието и здравствените податоци се следат на ниво на поединци, односно кај лица на возраст над 16 години.
Анкетата е основа за пресметување на структурните индикатори за споредбена анализа на ниво на Европската унија, како и за пресметување на прераспределбата на приходите и на манифестацијата на сиромаштијата и на социјалната исклученост.
Следејќи ги препораките на Европскиот статистички систем, Државниот завод за статистика, во 2009 година за прв пат го спроведе истражувањето како пилот, а од 2010 година продолжи со спроведувањето како редовна анкета предвидена во неговата Програма за работа.
Се надеваме дека податоците од ова истражување ќе им овозможат на корисниците натамошни проучувања и
креирање политики во оваа област.