Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во мај 2023 година,
во однос на мај 2022 година, изнесува 106.1.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2023 година, во
однос на мај 2022 година, бележи пораст од 8.6 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 5.3 %,
а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 4.0 %.
Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните
оддели: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи
и фармацевтски препарати, Производство на други неметални минерални производи, Производство на машини и
уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на
мебел.
Според главните индустриски групи, производството во мај 2023 година, во однос на мај 2022 година, бележи
пораст кај Енергија за 2.7 %, Капитални производи за 7.2 %, Трајни производи за широка потрошувачка за 20.4 % и
Нетрајни производи за широка потрошувачка за 15.2 %, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи,
освен енергија за 5.7 %.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари – мај 2023 година, во однос на периодот јануари – мај
2022 година, изнесува 101.0.