Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во 2019 година, во споредба со претходната година, е зголемен за 2.4 % и изнесува 13 814 склучени бракови.
Најмногу бракови, 1 747 или 12.6 %, се склучени во месец август, а најмалку во месец февруари, т.е. 809 или 5.9 %.
Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93.3 % за жените и 92.1 % за мажите.
Во втор брак со учество од 7.4 % и трет брак со учество 0.6 %, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.
Во 2019 година, најголем број бракови 4 563 или 33.0 % се склучени кај жените на возраст од 25 до 29 години. Според возраста, и кај мажите најголемиот број бракови, односно 5 159 или 37.3 %, се случени во истата старосна група од 25 до 29 години.
Просечната возраст при склучувањето прв брак е 26.9 години за невестата и 29.7 години за младоженецот.
Бројот на разводите во 2019 година бележи зголемување од 22.8 % во споредба со 2018 година и изнесува 1 990 разведени бракови.
Во текот на 2019 година, најмалку бракови, односно 43 или 2.2 % се разведени во месец август , а најмногу, т.е. 244 или 12.3 % во месец ноември.
Според траењето на бракот, најголемиот број разводи, односно 430 или 21.6 % се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.