Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, 58 570 пазарноориентирани деловни субјекти активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности оствариле вкупен промет од 1 315 740 милиони денари и додадена вредност од 286 329 милиони денари. За ангажираните 391 413 вработени лица, издвоени биле 158 649 милиони денари. Во однос на претходната година е забележано намалување на бројот на вработените за 2.3 %, прометот за 5.1 % и бруто-додадената вредност за 4.6 %.
Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 41.7 %, а по него следат секторите: Преработувачка индустрија со 28.3 %, Градежништво 7.1%, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 7.0 % и секторот Транспорт и складирање со 5.3 %.
Секторот на преработувачката индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 28.7 %, следен е секторот Трговија на големо и на мало со 24.2 %. Значително учество има секторот Градежништво со 9.7 %, додека секторoт Информации и комуникации создава 8.9 % од вкупната додадена вредност.
Во однос на големината на претпријатијата, доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90.7 %), најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 31.8 % од вкупно вработените, тие создале 21.6 % од вкупната додадена вредност. Големите претпријатија со учество од само 0.3 % и со ангажирани 26.1 % од вработените создаваат 32.1 % од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор, и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (13.8 %). Сепак, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија (со 10 до 249 вработени), кои ангажираа 42.1 % од вработените и создадоа 46.4 % од вкупната додадена вредност во деловниот сектор.