Странска филијала претставува домашно претпријатие контролирано од нерезидентнa (странска) институционална единица. Статистиката на странските филијали ја покажува економската активност на резидентните претпријатија во земјата во кои странскиот капитал (од една или од повеќе земји) учествува во вкупниот капитал со над 50 %. Основна цел на овие податоци е да се прикаже учеството на овие претпријатија и нивното влијание врз домашната економија.
Во 2021 година, 1 738, односно 2.6 % од вкупниот број активни пазарно ориентирани претпријатија (66 636) во рамките на набљудуваните сектори[1]), биле странски филијали – домашни претпријатија контролирани од странство. Тие ангажирале 19.0 % од вкупно вработените, реализирале 37.3 % од вкупниот промет, односно 31.9 % од вкупната бруто-додадена вредност во набљудуваниот опфат, што укажува на нивното значително влијание врз домашната економија.
Најбројни се оние во секторот Трговија на големо и мало и поправка на моторни возила (30.1 %). Најголем дел од вработените, околу 74.5 %, се ангажирани од секторите Преработувачка индустрија (52.7%), Трговија на големо и мало (12.7 %) и Информации и комуникации (9.1 %).
Најголем придонес во додадената вредност на странските филијали имал секторот Индустрија со 52.9 % (Преработувачката со 40.0 %, Вадењето руда и камен со 7.8 % и Енергијата со 5.1 %), потоа Информации и комуникации со учество од 16.7 % и Трговија на големо и мало и поправка на возила со 13.8 %.
Странските филијали се контролирани, главно, од европските земји (80.2 %). Земјите членки на ЕУ контролираат 57.8 % од странските филијали, во кои се ангажирани 64.2 % од вработените и учествуваат со 63.5 % во додадената вредност.
Економски најважните странски филијали се под контрола на Австрија со учество во додадената вредност од 14.5 %, Холандија 12.8 %, Обединетото Кралство со 12.4 %, Германија со 10.1 %. Нивното учество во вкупната додадена вредност на домашната економија1) изнесува 15.9 %, што значи дека вкупната додадена вредност е во толкава мера под контрола на претпријатијата со мнозински странски капитал.