Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2021 година, изнесува 429 546 580 илјади денари и бележи пораст од 20.5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – декември 2021 година, изнесува 594 629 640 илјади денари, што е за 26.9 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2021 година, изнесува 165 083 061 илјада денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2021, изнесува 72.2%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари - декември 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.