Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – октомври 2024 година, изнесува 403 965.2 милиони денари и бележи пад од 5.6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – октомври 2024 година, изнесува 565 528.7 милиони денари, што е за 0.5 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – октомври 2024 година, изнесува 161 563.5 милиони денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – октомври 2024, изнесува 71.4 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.
Во периодот јануари – октомври 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.