Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари-септември 2011 година изнесува 3 267 428 илјади САД долари, а на увозот 5 218 691илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 62.6%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-септември 2011 година, изнесува 1 951 263 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, моторните возила за превоз на лица и електричната енергија.
Во периодот јануари-септември 2011 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 27 (60.2%) и земјите од Западен Балкан (28.3%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 27 (54.9%) и земјите во развој (26.8%). Според вкупниот обем на надворешно-трговската
размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Србија, Бугарија, Русија и Грција (44.0% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).