Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-октомври 2011 година, изнесува 3 705 780 илјади САД долари, а на увозот 5 763 655 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 64.3%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-октомври 2011 година, изнесува 2 057 875 илјади САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, моторните возила за превоз на лица и електричната енергија.
Во периодот јануари-октомври 2011 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите- членки на ЕУ 27 (60.9%) и земјите од Западен Балкан (27.8%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 27 (54.9%) и земјите во развој (26.2%). Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Србија, Бугарија, Грција и Италија (44.2% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).