Новосоздадени претпријатија во 2019 година
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2019 година биле регистрирани 7 785 новосоздадени претпријатија, што претставува 10.7 % од вкупно активните претпријатија, чија главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД, рев. 2 припаѓа во секторите на дејност од Б до О1). Во однос на 2018 година, забележано е зголемување на новосоздадените претпријатија за 23.4 %.
Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (82.5 %) припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1 769), Други услужни дејности (1 629), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (677) и Стручни, научни и технички дејности (627). 10.1 % од новосоздадените претпријатија припаѓаат во секторот Индустрија, а во секторот Градежништво 7.4 %.
Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (64.3 %).
Згаснати претпријатија во 2018 година, дефинитивни податоци
Од вкупниот број активни претпријатија, во 2018 година згаснале 6.7 %, односно 4 660.
Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (35.5 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголем дел од згаснатите претпријатијата (74.4 %) се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.