Новосоздадени претпријатија, 2014 година
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2014 година се регистрирани 7161 новосоздадено
претпријатие што претставува 10.6% од вкупно активните претпријатија во Република Македонија чијашто
главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД Рев.2 припаѓа во секторите на дејност
од Б до О1). Во однос на 2013 година е забележан пораст на новосоздадените претпријатија за 5.2%.
Гледано по сектори на дејност, најголем дел од новосоздадените претпријатија (32.1%) се во секторот Трговија
на големо и на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а потоа следат секторот Објекти за сместување
и сервис со храна со 11.9%, Преработувачка индустрија со 10.8% и Стручни, научни и технички дејности со
9.3%.
Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија, според правната форма, покажуваат дека
најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и
акционерски друштва (70.7%).
Новосоздадени претпријатија во периодот 2009-2013 кои преживеале во 2014 година
43.2% од новосоздадените претпријатија во 2009 година сѐ уште биле активни во 2014 година. Најголема
стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија кои припаѓаат на секторите Дејности
на здравствена и социјална заштита (79.5%) и Стручни, научни и технички дејности (56.9%).
Во 2014 година биле активни 37.6% од новосоздадените претпријатија во 2010 година, 48.1% од новосоздадените
во 2011 година, 52.6% од новосоздадените во 2012 и 79.4% во 2013. Најголема стапка на преживување во 2010,
2011 и 2013 година имале новосоздадените претпријатија од секторот Дејности на здравствена и социјална
заштита, додека кај новосоздадените претпријатија во 2012 тоа се претпријатијата од секторот Финансиски
дејности и дејности на осигурување (без класа 64.20).
Згаснати претпријатија, 2012 година
Во 2012 година згаснале 9993 претпријатија, односно 14.3% од вкупниот број на активни претпријатија во
наведените сектори.
Најголем број од згаснатите претпријатија припаѓаат на секторот Трговија на големо и трговија на мало;
поправка на моторни возила и мотоцикли .
Анализирано според правната форма, најголемо е учество на згаснатите претпријатија категоризирани во
групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.
1) Секторите A, Љ, П и Р и класата 64.20 се исклучени