+A   |  -A
Skip Navigation Links
 Општи информации
 Информации за анкетирање на лица и домаќинства
 Информации за деловните субјекти
 Информации за субјектите на личните податоци

Информации за учесниците во статистичките истражувања

 

Информации за субјектите на личните податоци

Државниот завод за статистика е самостојна стручна организација која, помеѓу другите надлежности, е надлежна да спроведува статистички истражувања. Спроведувањето на статистичките истражувања е утврдено со Програма за статистички истражувања која има петгодишна периодика. Со статистичките истражувања се прибираат лични податоци кои се структурирани во одредени збирки на податоци. Податоците се добиваат директно преку прибирање од извештајните единици - физички лица, но и преку извештајни единици - правни лица, како и преку носители на регистри и бази на податоци.

Своето право да прибира и обработува податоци Државниот завод за статистика го засновува на одредби на Законот за државната статистика („Службен весник на Република Македонија бр. 54/1997, 21/2007, 51/2011, 104/2013, 42/2014, 192/2015, 27/16,83/18 и 220/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/20), како и Законот за заштитата на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020). Карактеристично е дека Законот му овозможува на Државниот завод за статистика да прибира и ЕМБГ на граѓанинот, но и лични податоци - посебни категории на лични податоци. Исто така, за да може да спроведува статистички истражувања, односно да прибира лични податоци, тоа мора да биде наведено во Програмата за статистички истражувања, која има петгодишна периодика и ја донесува Владата на Република Северна Македонија.

ПРАВЕН ОСНОВ ЗА ПРИБИРАЊЕ НА ПОДАТОЦИ

Правниот основ за обработка на личните податоци се Законот за државната статистика и Законот за заштита на личните податоци кој на Државниот завод за статистика  му  даваат ексклузивно право без ограничување  и лимити да прибира лични податоци од кој било извор - физички лица и носители на збирки на податоци и други административни регистри. Конкретно, во член 34 од Законот за државната статистика е наведено дека Државниот завод за статистика има право да прибира индивидуални податоци од физички и правни лица без ограничување и тоа за статистичките истражувања утврдени во Програмата за статистички истражувања. Согласно со член 37 од Законот е наведено дека Државниот завод за статистика има право да го прибира и обработува ЕМБГ на граѓанинот, како и да прибира посебни категории на лични податоци.

Вториот основен акт е Програмата за статистички истражувања. Законски основ за донесување на Програмата за статистички истражувања е член 20 став 1 од Законот за државната статистика. Врз основа на наведениот член, Програмата ја донесува Владата на Република Северна Македонија и таа се  објавува во  „Службен весник на Република Северна Македонија“. Програмата е подзаконски акт со кој се определуваат статистичките истражувања кои се спроведуваат во одреден временски период и се определуваат овластените носители кои, покрај Државниот завод за статистика и Народната банка на Република Северна Македонија, вршат прибирање, обработка и дисеминација на статистички податоци применувајќи статистички стандарди, методи и техники. Во Програмата за статистички истражувања се наведени сите статистички истражувања од кои се продуцираат официјални статистички податоци. Програмата за статистички истражувања, исто така, е документ во кој Државниот завод за статистика и другите носители на статистички истражувања ги конципираат истражувањата со кои се обезбедуваат најважните индикатори, односно податоци од областа што ја покриваат. Тие податоци, во основа, се продуцираат врз основа на примарните критериуми на статистичките истражувања од кои се добиваат официјални податоци базирани на соодветен опфат, дефиниција на појавата и единиците, дефинирање на територијалното ниво на податоците. Притоа, особено е значајно нивото на заштита на податоците. Во Програмата се содржани истражувања со кои се поставуваат најважните правци за хармонизација на статистиката во земјата со меѓународните стандарди со цел да се обезбедат меѓународно споредливи податоци, но и истражувања кои обезбедуваат повеќе индикатори за потребите на корисниците во земјата. Основниот концепт на Програмата е дизајниран во согласност со принципите на Кодексот за работа на европската статистика на Евростат и на принципите на државната статистика, за користење на единствени стандарди за статистичките истражувања на сите учесници во Програмата и избегнување на прекумерно оптоварување на извештајните единици.
 

КАТЕГОРИИ НА СУБЈЕКТИ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

Петгодишната програма за статистички истражувања е структурирана на таков начин што за секое истражување прибира и податок за тоа кој е субјект на личните податоци, односно согласно со утврдената структура на образецот (утврдена во Законот за државната статистика), постои податок кој е извештајна единица, односно давател на податоците и тој податок е достапен во наведената програма.

 

КАТЕГОРИИ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ КОИ СЕ ОБРАБОТУВААТ

Исто така, Петгодишната програма за статистички истражувања е структурирана на таков начин што за секое истражување прибира и податок кој е субјект на личните податоци, односно, согласно со утврдената структура на образецот (утврдена во Законот за државната статистика), постои податок за категориите на лични податоци кои се прибираат, односно во Програмата постои ред/колона - Кратка содржина на статистичкото истражување – каде што се наведени личните податоци кои се прибираат за секое статистичко истражување.

 ПОДАТОЦИТЕ СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ  ОД:

Податоците кои се обработуваат се обезбедуваат од физички лица и од носители на регистри и бази на податоци. Притоа, за секое истражување во образецот на Петгодишната програма, во редот - Извештајна единица - се наведува дали се работи за физичко лице или за правен субјект, при што се наведува категоријата на субјектот.

 НАЧИН НА ОБРАБОТКА

 Податоците кои се прибираат преку бази и регистри на податоци се обработуваат електронски.

Податоците кои се прибираат преку анкетни истражувања претходно се  контролираат, шифрираат и внесуваат во информатичкиот систем на ДЗС на мануелен начин. Дополнително се врши автоматска обработка на податоците.

 РОК НА ЧУВАЊЕ НА ПОДАТОЦИТЕ

Податоците кои Државниот завод за статистика ги прибира и обработува се чуваат во рокови кои  Државниот завод за статистика ги утврдува согласно со Законот за архивско работење и други подзаконски акти од областа на архивското работење, односно тековно се носи План на архивски знаци  во кој се утврдуваат роковите за чување на податоците.

 ПРИБИРАЊЕ, ОБРАБОТКА И ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
Со статистичките истражувања наведени во Програмата за статистички истражувања се прибираат голем број на информации потребни за продуцирање на статистички податоци. Во однос на принципот Статистичка доверливост од Кодексот за работа на европската статистика, се посветува посебно внимание на личните податоци кои се прибираат од извештајните единици.
Методот на прибирање на личните податоци е административен, но се користи и метод на непосредно прибирање на податоци преку подготвени статистички обрасци од страна на Државниот завод за статистика.
Според Програмата за статистички истражувања, лични податоци се прибираат во демографските, социјалните и економските статистики. Во одредени статистички истражувања се прибираат и посебни категории на лични податоци и тоа, пред сè, податоци за етничката припадност на физичките лица. Потребата од прибирање на овие податоци произлегува од утврдените обврски во Уставот на Република Северна Македонија, како и во поголем број на закони од аспект на правичната и рамномерната застапеност на припадниците на етничките заедници во Република Северна Македонија.
Во статистичките истражувања се прибира и податок за единствениот матичен број на граѓанинот. Потребата од прибирање на матичниот број произлегува од неопходноста да се обезбедат релевантни и квалитетни лични податоци и подготовка на релевантни, квалитетни и меѓународно споредливи статистики. Во реализацијата на наведената цел, матичниот број се користи во фазата на прибирање на посебните категории на лични податоци и во контролата на прибраните податоци, по што се врши одделување од варијаблите, што е во согласност со Законот за државната статистика.
Во функција на заштита на личните податоци, Државниот завод за статистика има утврдено систем за технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на обработката на личните податоци. Истовремено, податоците кои се прибираат преку статистичките истражувања се доверливи податоци, што значи дека тие единствено може да се користат за статистички цели и дека е забрането нивно користење за нестатистички цели, како и нивно незаконско разоткривање. Во однос на податоците кои ДЗС ги обезбедува од субјектите на лични податоци, најстрого е забрането податоците да се доставуваат до трети лица, без оглед на причината зошто тие се бараат. Податоците во никој случај не може да се објавуваат во форма преку која давателот на податоците ќе може да биде препознаен на директен или индиректен начин.

Единствената можност која Законот за државната статистика и ЕУ регулативите ја предвидуваат е индивидуалните податоци (меѓу кои и личните) да се даваат на научно-истражувачки институции за научни цели, но без идентификатори, притоа максимално почитувајќи ги мерките за безбедност на податоците.

Ценејќи ја посебноста на Државниот завод за статистика и самиот Закон за заштита на личните податоци, член 21 став 3 и член 86 предвидуваат дека субјектот на податоци нема право на увид, контрола, бришење и корекција на дадените лични податоци. Причините зошто тоа е наведено се дадени во Законот за државната статистика и Законот за заштита на личните податоци. Субјектите на лични податоци имаат единствено право да бидат информирани дека се обработуваат лични податоци.


 


© Државен завод за статистика