Денес, во просториите на Инфо-центарот на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија се одржа настан по повод официјалното отпочнување на твининг-проектот „Поддршка на Државниот завод за статистика во градењето на капацитетите и унапредување на усогласеноста на статистиките со стандардите на ЕУ“. Учесници во Проектот се Националниот институт за статистика на Италија и Заводот за статистика на Словенија како земји-членки на ЕУ, и Државниот завод за статистика на Република Македонија како институција-корисник. На настанот присуствуваа амбасадорите и замениците-амбасадори на земјите-учеснички во Проектот, директорите на националните статистички институции-учеснички во Проектот, претставници на Европското статистичко биро – Евростат, претставници на Владата на РМ и на институциите кои го сочинуваат македонскиот статистички систем, голем број на експерти и статистичари. Главниот акцент во сите излагања беше важноста и големото значење на Твининг-проектот за целокупниот статистички систем во Република Македонија, а особено за Државниот завод за статистика како институција-корисник. Ова е трет по ред твининг-проект на ДЗС и ќе трае до февруари 2018 година. Проектот е финансиран од Европската Унија.