Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Европски ден на статистиката, 20 октомври 2021: „Статистиката – вакцина за заштита на демократијата и за борба против вирусот на дезинформации“
среда, 20 октомври 2021

 

Во рамките на одбележувањето на Европскиот ден на статистиката, 20 октомври, вчера се одржа настан посветен на проектот што Државниот завод за статистика го работи заедно со Шведскиот завод за статистика и кој е насловен: „Зголемување на достапноста и употребата на официјалните статистики во Северна Македонија“, а финансиран од Шведската агенција за развој СИДА.

На настанот свои обраќања имаа државниот секретар во Министерството на надворешни работи, г-ѓа Калинка Габер, амбасадорката на Шведска, г-ѓа Кристин Форгсен Бегтсон, гувернерката на НБРМ, г-ѓа Анита Ангеловска Бежоска и двајцата директори на статистичките заводи на Шведска и Северна Македонија, г. Јоаким Стимне и г.Апостол Симовски.

Во вториот дел од настанот се одржа панел-дискусија на која се разговараше за практиките на комуникација и користење на статистичките податоци во Северна Македонија и во Шведска, следењето на употребата на официјалните статистики и интеракцијата со давателите и корисниците на статистичките податоци. Во панел-дискусијата зедоа учество и тројца независни панелисти – Билјана Дуковска, претседател на Платформата за справување со сиромаштијата, Бојан Кордалов, комуниколог и Џабир Дерала, претстедател на Цивил, кои го искажаа своето мислење за употребата на податоците, начинот на нивното користење, отвореноста и транспарентноста на Државниот завод за статистика и меѓусебната комуникација.

Генерален е заклучокот дека официјалните статистички податоци се основата на секоја развојна политика, секоја стратегија, но и основа за донесување на секојдневни одлуки на секој еден од нас. Зголемувањето на достапноста и употребата на официјалните статистики е од суштинска важност во денешното опкружување преполно со огромен број на податоци од секаков вид кои често доведуваат до заблуди, погрешни толкувања и, на крај, погрешни одлуки. Оттаму, градењето доверба  и зголемувањето на свеста за употребата на официјалните статистики ќе придонесе за забрзување на демократските процеси до државата, но и ќе помогне во креирањето на инклузивни политики на сите нивоа на управување во државата.

Проектот на кој работат Државниот завод за статистика и Статистика Шведска ги обработува токму овие теми и се очекува дека резултатите ќе придонесат за поголема и полесна достапност на официјалните статистики што од друга страна ќе придонесе за зголемување на нивното користење особено при проверката на фактите и дисквалификацијата на лажните вести со кои е преплавен медиумскиот простор насекаде во светот.

 

 

 

 

 

 

 

 




© Државен завод за статистика