Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Прв состанок на Управниот комитет на твининг-проектот „Подобрување на квалитетот и опфатот на статистиките за животната средина и здравствените статистики“
петок, 07 февруари 2025

 

6 февруари 2025

Првиот состанок на Управниот комитет на твининг-проектот „Подобрување на квалитетот и опфатот на статистиките за животната средина и здравствените статистики“ се одржа во Државниот завод за статистика (ДЗС) на Република Северна Македонија на 5 февруари 2025 година.

Проектот е финансиран од Европската Унија (ЕУ) и е заеднички имплементиран од страна на ДЗС и Италијанскиот национален институт за статистика (Istat), во партнерство со Конзорциумот за информациски системи (Consorzio per il Sistema Informativo – CSI Piemonte), Агенцијата за енергетски услуги (Gestore Servizi Energetici – GSE) и Италијанското географско друштво (Società Geografica Italiana – SGI).

Проектот, чија специфична цел е зајакнување на капацитетот за производство и дисеминација на статистиките за животната средина и здравствени статистики, е структуриран околу два главни столба (компоненти): Статистики за животната средина и земјоделството (Компонента 1) и Здравствени статистики (Компонента 2). Проектот започна на 23 септември 2024 година и ќе трае 24 месеци.

Cостанокот на Управниот комитет се одржа комбинирано и на него присуствуваа проектните лидери и лидерите на компонентите на ДЗС и Istat, постојаниот твининг-советник (RTA) и партнерскиот  твининг-советник (RTA counterpart), како и претставници од Европската делегација и од сите партнерски организации.

Состанокот беше повод за презентација на првиот Квартален извештај, кој ги сумира активностите спроведени во текот на првиот квартал на проектот. Дополнително беше одобрен првиот Работен план, изготвен заеднички од сите засегнати страни на твининг-проектот и врз основа на наодите од прелиминарната проценка.

За време на состанокот, партнерите го изразија своето заемно задоволство за почетокот на новиот проект, кој обединува експертиза, искуство и вештини на високо ниво за постигнување на целите на проектот на одржлив начин.

 

    




© Државен завод за статистика