Државниот завод за статистика, како координатор, заеднички со Народната банка на Република Северна Македонија и Министерството за финансии, успешно ги завршија сите планирани обврски кои беа во рамките на транзициониот период од пет години за стандардот СДДС Плус на Меѓународниот монетарен фонд. Со овој стандард се обезбедуваат сите потребни статистички индикатори за националната страница со податоци (https://www.stat.gov.mk/nsdp.htm). Целиот процес беше следен, коментиран и одобрен од ММФ.
Националната страница со податоци е поставена на веб-страницата на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија и вклучува макроекономски податоци (категории на податоци) што се однесуваат на четирите сектори на националната економија: Реален сектор, Фискален сектор, Финансиски сектор, Надворешен сектор, како и на делот за Население. Националната страницa со податоци вклучува дисеминација на сите категории на податоци во формат SDMX, што е особено соодветно за компјутеризирана обработка на податоците.
Република Северна Македонија е дел од Специјалниот систем за дисеминација на податоци Плус на Меѓународниот монетарен фонд (SDDS Plus - Special Data Dissemination Standards Plus) од јануари 2019 година.