Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Информација до корисниците на податоците за процени на населението
четврток, 09 ноември 2023

 

Државниот завод за статистика изврши враќање на серијата на процени на населението во периодот помеѓу Пописот 2002 и Пописот 2021. Оваа активност на враќање на серијата на податоци за населението е вообичаена светска пракса после секој спроведен попис.

Кога ги користите податоците за процени на населението, од исклучителна важност е да ги имате предвид следниве информации со цел да ги искористите најрелевантните расположливи податоци од нашата веб-страница.

Методолошки информации

  • Сетот на податоци во фолдерот Процени на населението според Попис 2002 (архивирани податоци), за периодот 31 декември 2002 до 31 декември 2020 година, е пресметан врз основа на податоците од Пописот 2002 година, земајќи ги предвид бројот на родени, умрени, доселени и отселени лица, според општината каде што  живееле лицата  и годината кога се случил настанот. Сите овие податоци се добиени од административни извори.
  • За разлика од административните податоци, пописите се спроведуваат на терен и поради тоа е очекувано да се појават одредени разлики во бројот на населението и неговата распространетост низ општините помеѓу два пописа.
  • Разликата во бројот на населението помеѓу процените направени според Попис 2002 и резултатите од Попис 2021 се должи на нерегистрираната емиграција.
  1. Поради тоа,  ДЗС изврши процена на населението со стартна состојба од Пописот 2021, враќајќи ги пресметките наназад до Пописот 2002.
  2. Пресметките за враќањето на процените имаат за цел да обезбедат порелевантни податоци за бројноста на населението базирани на поблиската историска состојба. Односно, пресметки врз основа на податоците од Пописот 2021 наспрема податоците од Пописот 2002.
  3. Врз основа на расположливите податоци, ДЗС успеа да ги идентификува отселените лица кои не се регистрирани во административните извори, за разлика од оние лица кои не се попишани во Пописот 2021, а кои се вклучени во вкупното население.
  4. За жал, ДЗС не успеа да најде релевантни извори на податоци за годината кога лицата се отселиле.
  5. Поради овој недостаток, методологијата која е употребена за процена на населението се базира на модифицирана линеарна интерполација во која модификацијата се однесува на интензитетот на миграциите по календарски години, добиен од статистиките на други земји (познати како mirror statistics).
  6. Како последица на овие фактори, ДЗС го пресмета бројот на населението во периодот помеѓу двата Пописа само на ниво на држава.
  7. Дополнително, ДЗС го пресмета вкупниот број на население и по статистички региони за периодот 2017-2021 година.

Насоки до корисниците на податоците за користење на ревидираната серија на податоците за населението

  1. Важечки официјални податоци за бројот на населението се податоците пресметани врз основа на Пописот 2021, прикажани во фолдерот Процени на населението според Попис 2021.
  2. Најниско ниво за кое се расположливи  овие податоци е статистички регион, но само за периодот од 1 јануари 2017 до 1 јануари 2021 година.
  3. Податоците за процените на населението според Пописот 2002 се архивирани историски податоци.



© Државен завод за статистика