Многу земји во Европа и Централна Азија се соочуваат со брзи демографски промени: општествата стареат, луѓето имаат помалку деца, а многумина ги напуштаат своите држави барајќи можности во други земји.
Скопје, 30 ноември 2021 - Министерска конференција на тема „Обликување на демографската иднина на Европа“, каде ќе присуствуваат бројни високи владини претставници, лидери, експерти од Европа и Централна Азија, меѓу кои и делегација на Република Северна Македонија, ќе се одржи на 1 и 2 декември 2021, во Софија, Република Бугарија.
Конференцијата, каде ќе се дискутира за демографската отпорност и јакнење на капацитетите на земјите да одговорат на демографските промени во регионот, ја организираат Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и Владата на Република Бугарија, под покровителство на Претседателот на Република Бугарија.
Главни теми на конференцијата се: стареење на населението, фертилитет, родова еднаквост, планирање на семејството, аспирации на младите, ревитализација на руралните области, финансирање на социјалните политики и поврзаноста меѓу демографијата и демократијата.
Делегацијата од Република Северна Македонија ја сочинуваат министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, и други претставници од различни области, како и од националната канцеларија на УНФПА.
Конференцијата ќе резултира со иницирање на Декадата за демографска отпорност 2022-2032 и Софиската алијанса, заедница предводена од земја-членка која вклучува практики за олеснување на споделувањето искуства и обезбедувањето совети за посреднички/медијаторски политики, како и техничка помош за јакнење на демографската отпорност.
Учесниците ќе можат да се информираат и да се вклучат во добри практики и ветувачки иницијативи поврзани со справување со демографските промени со учество на виртуелниот Експо за демографска отпорност.
Повеќе информации за настанот:
https://eeca.unfpa.org/en/shaping-europes-demographic-future
https://eeca.unfpa.org/en/news/ministerial-conference-chart-pathways-societies-thrive-amid-rapid-demographic-change
Регистрирајте се на https://demressofia21.vfairs.com/en/registration-form за да ни се придружите во нашиот виртуелен конференциски простор.