Пилот-истражувањето за надворешна трговија со услуги ќе се спроведува во текот на јуни 2021 со електронско прибирање на податоците со е-образец преку Системот за електронско прибирање податоци еСтат (http://www.stat.gov.mk/eStat.aspx)Податоците кои ќе се прибираат се однесуваат на 2020 г.
Статистиката за меѓународна трговија со услуги претставува основен извор на информации за билансот на плаќања и националните сметки и е важна основа за донесување одлуки во јавниот и приватниот сектор. Покрај тоа, оваа статистика може да се искористи и за следење на надворешните комерцијални перформанси на различни економии и да помогне во подготовката на трговските преговори во контекст на Генералниот договор за трговија со услуги (ГАТС). Така, споредливите податоци за меѓународната трговија со услуги се основа за трговските договори.
Република Северна Македонија редовно доставува податоци за увозот и извозот на услуги до Евростат во многу ограничен опсег. Тековно, податоците за меѓународната трговија со услуги ги пресметува и објавува Народната банка на Република Северна Македонија, како дел од податоците на Платниот биланс.
Во согласност со препораките и барањата на Евростат, Државниот завод за статистика, во рамките на Повеќекорисничката програма ИПА 2017, аплицираше и му беше одобрен статистичкиот проект за статистика за меѓународната трговија со услуги.
Целта на овој проект е да се воспостави систем за производство на статистика за надворешната трговија со услуги. Првата фаза се однесува на воведувањето ново истражување на деловните субјекти, од кои ќе се обезбедат детални податоци според ЕБОПС 2010 (Проширена класификација на услуги на билансот на плаќање, 2010) дезагрегирани по земја на увоз и извоз.