На 10.09.2024 година, директорот на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков, учествуваше на Четвртата сесија на Работната група 6, Антикорупција (Поглавје 5 – Јавни набавки, Поглавје 18 – Статистика и Поглавје 32 – Финансиска контрола) во организација на Националната конвенција за ЕУ во нашата земја (НКЕУ – МК).
Во рамките на сесијата на тема „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата”, директорот имаше свое излагање, при што истакна дека Државниот завод за статистика има мисија да произведува точни и веродостојни податоци, а довербата во официјалната статистика се гради преку високопрофесионален, непристрасен однос кон работењето на Заводот, заснован на научни принципи.
„Како мала земја и мал статистички систем, соочени со ограничени ресурси и средства за развој на статистиките, конкурентни приоритети и различни предизвици, во моментов како македонски статистичари сме во позиција да го следиме развојот на глобалната статистичка инфраструктура и потенцијално да ги имплементираме најдобрите практики развиени во напредните статистички системи. Од таа причина, Државниот завод за статистика високо ја цени воспоставената соработка со Евростат и континуираната поддршка од Европската Унија во полето на статистиката. Во следниот период, ќе го продолжиме партнерскиот однос преку имплементација на различни проекти, со што ќе го продолжиме процесот на развој на одржлив статистички систем целосно усогласен со европските статистички стандарди, кој продуцира веродостојни и споредливи статистички податоци”, истакна Станков.
Во процесот на преговорите со Европската Унија, Поглавјето 18 – Статистика е дел од првиот кластер – Фундаментални вредности, а во процесот на имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, Државниот завод за статистика има двојна улога: од една страна, да обезбеди сигурни, објективни, точни, навремени и меѓународно споредливи статистички податоци, во согласност со потребите во сите сфери на ССА, а од друга страна, Заводот има обврска да обезбедува статистички податоци за потребите на носителите на политики во државава. Истовремено, податоците произведени од Државниот завод за статистика редовно се трансмитираат до меѓународните организации како што се Евростат, ММФ, ОН и други.
Во своето излагање, директорот се осврна и на идните активности на Заводот што се однесуваат на спроведувањето проекти поддржани од Европската Унија, дисеминацијата на статистичките податоци и Партнерското оценување на спроведувањето на Кодексот за работа на европската статистика.
На сесијата, покрај директорот, се обратија и националната координаторка на НКЕУ – МК и претседателка на Европското движење, г-ѓа Милева Ѓуровска, г-ѓа Гонце Јаковлевска од Македонскиот центар за меѓународна соработка, гувернерката на Народната банка, г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, консултантот за меѓународна развојна соработка помеѓу Шведскиот завод за статистика и Државниот завод за статистика, г-ѓа Мај Ериксон Готер, како и професори од универзитетите од државава и од странство, претставници на невладини организации, на Светската банка, амбасадите и др.