Со цел унапредување на соработката помеѓу двете институции во рамките на Националниот статистички систем, денеска во Државниот завод за статистика се одржа состанок помеѓу директорот на Заводот, г. Дејан Станков и директорката на Институтот за јавно здравје, г-ѓа Марија Андоновска.
На состанокот, помеѓу другото, беше дискутирано за европските здравствени статистики и нивната примена во нашата држава, со посебен акцент на идните активности на Државниот завод за статистика во врска со Европската анкета за здравствената состојба што се спроведува како периодично истражување кое обезбедува клучни индикатори за здравствениот статус, здравствената заштита и здравствените детерминанти, како и други податоци за социоекономските карактеристики на населението.
Исто така беше дискутирано и за значењето на здравствените сметки и нивната улога во финансиското планирање и управување со ресурсите во здравствениот сектор, како и за потребата од интегрирање на податоците за здравствените сметки во општата статистика за здравството, што ќе придонесе за поефикасно следење и анализа на здравствените услуги и ресурси.
Двете страни се согласија дека ќе ја интензивираат својата соработка во иднина.