Владата на Република Северна Македонија, на денешната 137 седница, го утврди предлог-текстот на Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите, 2020 година.
Во предлог-текстот на Законот се утврдени методолошките основи на претстојниот Попис, како и организациско-техничките специфики на оваа најголема статистичка операција. Имено, овој Попис ќе се спроведе со примена на т.н. комбиниран методолошки пристап, кој се базира на податоци од расположливи административни извори на податоци и податоци прибрани од терен. Друга новина во овој Попис е користењето на лаптопи наместо хартиени обрасци што во голема мера го забрзува процесот на обработка и објавување на прибраните податоци.
Владата му предложи на Собранието на Република Северна Македонија да го усвои Предлог-законот за Попис, 2020, со што ќе се создадат услови за забрзани подготовки на овој долгоочекуван Попис на населението, домаќинствата и становите кој, според предвидениот акциски план, треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2020 година.