Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Европски ден на статистиката Премиерот потпиша „Декларација за посветеност кон доверба во официјалната статистика“
среда, 17 октомври 2018

 

На 17 октомври, Европскиот ден на статистиката ќе се одбележи по трет пат, под мотото „Подобри податоци денес за подобро утре“. Со овој настан, европската статистичка заедница има за цел да ја подигне свеста за важноста, вредноста и моќта на официјалната статистика за европските граѓани.

 
„Европскиот ден на статистиката ја нагласува вредноста на официјалната статистика во општеството и го надополнува Светскиот ден статистиката на Обединетите нации, кој се одржува на секои пет години“, рече Мариана Коцева, генерален директор на Евростат, Статистичката служба на Европската Унија.


За да го одбележи Европскиот ден на статистиката оваа година, Државниот завод за статистика организираше официјален настан на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На настанот присуствуваа премиерот Зоран Заев, генералниот директор на Евростат, Мариана Коцева и голем број гости, меѓу кои и универзитетски професори, академици, студенти и статистичари.

За време на настанот, премиерот ја потпиша „Декларацијата за посветеност кон доверба во официјалната статистика“. Со овој потпис, Владата препознава дека „веродостојните статистики се неопходен услов за креирање политики базирани врз докази и добра функционална демократија“ и се обврзува, меѓу другото, на „целосно почитување на меѓународните и европските стандарди за квалитетот на статистиката, особено на Кодексот за работа на европската статистика“, на „гарантирање и бранење на професионалната независност на Државниот завод за статистика и неговиот раководител (директор)“ и „обезбедување услови за одржливо функционирање на националната статистика“.


Мариана Коцева изјави: „Оваа Декларација за посветеност кон доверба во статистиката ќе им ги даде на граѓаните неопходните гаранции дека статистичките податоци што ги произведува Државниот завод за статистика се целосно објективни и непристрасни и произведени во согласност со најдобрите меѓународни практики“.


· Целосниот текст на „Декларацијата за посветеност кон доверба во статистиката“ може да го преземете тука
· Повеќе информации за Европскиот ден на статистиката може да најдете тука

 

       




© Државен завод за статистика