Денес во Собранието на Република Северна Македонија беше промовирана публикацијата „Проекции на населението на Република Северна Македонија до 2070 година“ – која е резултат на изработените проекции на населението по поединечна година до 2070.
Овој проект на Државниот завод за статистика претставува најново големо достигнување на институцијата со што уште еднаш се докажува како професионален партнер кој на донесувачите на одлуки, на креаторите на политики и стратегии им нуди официјални податоци како основа за нивната понатамошна работа на планот на креирање на иднината на нашата држава, базирано на докази.
„Проекциите на населението ја обликуваат суштината на нашето општество и влијаат на зедничката иднина. “ – истакна директорот на Државниот завод за статистика, г.Апостол Симовски, во неговото воведно обраќање на настанот и додаде дека проекциите се основа за преземање мерки и насочување на општествените текови во правилна насока.
На настанот се обрати и Претстедателот на државата, г.Стево Пендаровски кој истакна дека:
„...Населението забрзано старее, а државата забрзано се празни. Ние веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите Нации кои тие ги предвидуваа за нас за 2030 година. Врз основа на пописот, Државниот завод за статистика ги изготви проекциите, според кои, до 2070 година населението би се намалило за дури 35%, односно, од сегашните 1.8 на одвај 1.2 милиони жители...“.
„...Решението е во носење системски промени и одлуки кои носат предвидливост и доследност, без разлика на политичката волја, што, нагласи, носи нешто што е непроценливо важно за секој развој – јакнење на сигурноста и довербата...“ – истакна вицепремиерот Битиќи осврнувајќи се во неговото обраќање на важноста на проекциите на населението особено во овој момент кога се подготвува Националната развојна стратегија.
За социјалниот аспект на проекциите говореше министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јована Тренчевска, која го потенцираше фактот дека „...населението во Северна Македонија старее, дека просечното домаќинство станува помалубројно, како и дека расте возрасната граница на стапување во брак и засновање семејство...“.
Канцеларијата на Фондот за население на Обединететите нации во Република Северна Македонија е стратешки партнер и поддржувач на активностите на ДЗС. „... Изработените проекции, кои денес се промовираат, неминовно е да се стават во контекст и да послужат како основна алатка за креаторите на политиките во носењето на информирани одлуки и мерки на политики од значење за иднината на земјата и нејзиниот човечки капитал...“, истакна раководителката на Канцеларијата, г-ѓа Афродита Шаља Плавјанска.
На настанот, експертите д-р Горан Пенев и Јане Крстевски ги презентираа резултатите од проекциите осврнувајќи се на можните сценарија во однос на состојбите со населението до 2070 година.
Ова се втори по ред проекции за Република Северна Македонија по нејзиното осамостојување – речиси 25 години по првите проекции објавени во 1998 година.