Во периодот од 13 до 16 февруари 2017 година, во Државниот завод за статистика ќе се спроведе Партнерско оценување на националниот статистички систем, со посебен акцент на Државниот завод за статистика како носител и координатор на овој систем.
Експерти-оценувачи ќе остварат одвоени средби со високиот менаџмент на ДЗС, со вработените во Заводот, како и со посебни целни групи: носители во националниот статистички систем , Советот за статистика, претставници на научната заедница, претставници на главните даватели и корисници на податоци, како и со медиумите.
Главните цели на Партнерското оценување се објективно утврдување на напредокот во усогласувањето со Кодексот за работа на европската статистика, зајакнување на капацитетите за производство на висококвалитетна статистика, идентификување на областите каде што е потребно натамошно усогласување, подобрување на транспарентноста и кредибилитетот на статистичкиот систем, истакнување на иновативните практики во Европскиот статистички систем итн.